Пекарите не ветуваат поевтин леб, цената е диригирана од повеќе сегменти

3.12.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пекарите не ветуваат поевтин леб, цената е диригирана од повеќе сегменти

Мали се надежите дека овозможената субвенционирана, фиксна цена од 80 евра за мегават час ќе ги намали цените на голем дел од прехрамбените производи. Стопанствениците од пекарската индустрија не го споделуваат оптимизмот на владата за снижување од барем 10%, посочувајќи дека формирањето на цената на лебот е комплексно прашање кое не е условено само од износот на сметката за електрична енергија. Во оваа насока е и нивниот аргумент според кој сите производители на леб и пецива не печат на струја.

„Нашиот најголем производител на леб- Жито Лукс користи печки на гас, а ова е случај и со останатите големи производители. Дел од пекарите имаат поставено фотоволтаици, а некои имаат печки на дрва“, вели за Локално, Марјан Митревски- сопственик на пекара и член на Занаетчиската комора Скопје.

Како услов за стабилна цена на пекарските производи, Митревски ја посочува потребата од интервенција и помош на државата во делот на домашното производство на жито. Сегашната ситуација во која Македонија е во голем процент зависна од увоз, е проблематична со многу негативни последици. Оттука, според него, првиот фактор кој влијае врз тоа колку ќе чини векна леб е цената на лебното брашно кое нашата држава го увезува.

„Работите би биле многу поинакви доколку имаме наше брашно и државни резерви на жито кои по поволна цена би можеле да се измелат во домашните мелници. За жал, ситуацијата е сосема различна бидејќи немаме доволно посеано жито на нашите ниви“, вели Митревски.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата