Русјаков

Мојот став за референдумот

11.09.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Мојот став за референдумот

„Светот заличи на згужвано шамиче натопено со крв, по тешка туберкулозна кашлица. Ќе изгасне како догорена свеќа, а јас морам да бидам дел од неговата темнина“, вели Мустафа Кемал Ататурк во мојот роман „Хотел меѓу две војни“.

Зборува за Првата светска војна. Јас не бев во можност да присуствувам на таа планетарна журка, ама мислам дека доволно сум прочитал за да можам да споредам и заклучам дека она што се случува сега, би можело многу лесно да заличи на тоа тогаш.

А-ха, ве плашам со војна, глад, студ, ужаси, така што пандемијана ќе изгледа како детска кашлица што се лечи за неколку дена. Башка, откако Нордистан ѝ за’ржа на Русија, сега и Албанија се „степа“ со Иран, а тоа не е арно, оти од кај да знам, може Персијците гадно да се налутат и ете ги пак Балканов. И што ќе прават после ловците на вештерки?

А-ха, Русјаков, ти си под руско влијание!

Не, бе, дечки, раскрстив со Русите, сега сум под влијание не Ксеркс, оти секогаш сум се чувствувал како припадник на ариевска раса.


Нацист?
Нацизам е производ на западноевропскиот варваризам, зборувам за вистинската ариевска раса.
Е, браво! Почна да се цитираш и да си даваш повод да забегуваш.

Што? Не смеам да се цитирам? Добро, тогаш ќе цитирам коментар на читател за мојата претходна колумна. „Мислам дека последниве настани тешко ти паднале или дека во текстов си се надминал… можда… мое мислење… или ми делува како да се предаваш… како да те обзема рамнодушност“, ми пиша Бобан Николоски.
Во право е Бобан. Настаниве навистина тешко ми паѓаат.

Настаните последниве седум-осум години. И ми доаѓа да кренам раце од сè. Да се предадам, оти се чувствувам поразен. Што туку претам, кога ме распарчија? Така се прашувам. Во такви моменти, кои се многу почести од оние кога си велам бори се човеку, навистина станувам гадно рамнодушен. Значи тоа е тоа, тешко ми е, кревам раце, ме фаќа рамнодушност.

А потоа, како да имам акробат во стомакот, ми се превртуваат чувствата, ме напаѓа некој восхит што ме тера да продолжам да се тепам со изопачената моќ, која секој миг може да ми ја скине главата и токму тоа ме радува, оти сум им плукнал в лице на модерниот варваризам и неговите хистерични поддржувачи што ми ги убиваат идентитетот, слободата, соништата. Ама запаѓам и во гадно расположение кога сè ми е преку соработников и тогаш одам во емотивен џенем, далеку, далеку по ѓаволите.

Таков сум и денес кога ја пишувам колумнава. Факинг 8 Септември! Ден на независноста. Независни сме од разумот и логиката. Тие на една, ние без нив, на сосема друга страна. Независни сме од љубовта, сомилоста, кроткоста. Тие не носат материјална удобност.

Најмногу сме независни од духовноста, креативноста и личната одговорност, сосема се имаме осамостоено од овие состојби, оти сме зависни од себичност, деструктивност и дисциплината во која сме светски шампиони, префрлање одговорност и наоѓање вина кај другите. Ние можеме од раските во туѓите очи да изградиме нов комплекс дивоградби во слободата.

Слоган по повод 8 Септември, денот што нема никаква врска со Нордистан, исто како 2 Август и 11 Октомври, ама па глупо е да се укинуваат неработни денови, оти неработењето на себе, кај нас, веќе неколку децении е традиција. Многу ми се допадна глупиот слоган, неговата апсурдна логичност и бесмислена мудрост, зашто претставува идиотска вистина во сета своја формална суштина. Еве и ќе објаснам!

ЕУ и НАТО се симболи на слободата според тридецениската догма што ни ја сервира политичката инквизиција. Според мене, тие може и да се симболи на слободата, ама реално немаат никаква врска со неа. За да станеме робови на таа безгранична слобода моравме да се ослободиме буквално од сите затвори, пранги, оклопи, ѕидови и илузии што нè држеа заробени во канџите на самобитноста.

Затворот на историјата, минатото, ни кажуваше кои сме, зошто сме и од каде сме, а сега, во слободата на иднината, други ни ја кројат сегашноста. Прангите на традицијата ни раскажуваа какви сме, а сега, правилата на новата нормалност, слободоумно ни заповедаат какви мора да бидеме.

Идентитетскиот оклоп нè држеше врзани за коренот на битот, а сега најслободно треба да полетаме кон провалијата. Ѕидовите на слободната волја нè фрлаа во страшната можност да избираме, ама денес, господарите на политичката коректност ни даваат слобода да имаме право на нивно мислење. И на крајот, најстрашното, она што совршено нè ограничуваше, па му робувавме, илузиите да созерцуваме, љубиме, расудуваме, контеплираме, твориме.

Сега, исчистени од тие илузии, се обединивме во слободата да не сме и никогаш веќе да не бидеме.
Вака, така, намќорест, нерасположен, рамнодушен, склопив колумна.

Русјаков! Како склопи колумна? А референдумот?
Каков референдум?
Па насловот ти е „Мојот став за референдумот“.

А тоа… мислев на такво нешто, ама сфатив дека референдумот во Запорожје и Донбас, ама ич не ме засега. Нека си ја маваат главата со него Украина, Русија и Западот.
Русјаков, не сери! Имаме референдум во најава во…

Во Нордистан ли? Да, видов дека почнавте да си вадите очи едни на други. Извинете на рамнодушност и незаинтересираност, ама јас, овој пат, нема да учествувам во оваа вербална оргија. Не ме интересира кој е ЗА, а кој ПРОТИВ референдум, сосема ми се неважни илјадниците „вистини“ исфрлени преку тастатура во слободно време.

За мој вкус имате премногу слободно време. И премногу знаење. Оти знаете сè. А јас сѐ повеќе сакам да не знам ништо. Посакувам да не го знам сето она ништо што и Платон не го знаел. Добро ми е вака, без став, мислење, знаење, без препознавање на апсолутната вистина каква што сите ја имате.

О, сум имал јас мислење за референдуми, избори, шарени револуции, велепредавства, сум си вадел очи со други и денес уште ме болат прстите и погледот, ама па и тоа мое мислење ништо не променило, оти може било погрешно или, пак, којзнае, правилно, ама пред времето, не знам, не е мое да судам.

Ама сега немам мислење, а и да го имам нема да го споделам. Оти, нели, мислење секој има и убаво е понекогаш човек да нема нешто што сите други го имаат. Мене, всушност, сега разбирам, сосем ми е океј да немам мислење, ниту да ја поседувам, како другите, вистината, оти писател сум и уживам во илузиите со кои живеам, за апсолутна правичност со која скоро секој се расфрла, ич не сакам да разговарам, затоа што речиси нема грев во кој не сум нурнал, онака во длабокото, а знаење, посебно на сите можни теми, какво што повеќето имаат, не само што немам, туку се трудам и она малку што го поседувам, сосема да го заборавам.

Александар Русјаков

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата