Скопје не е од вчера: СТАРИТЕ СКОПСКИ КАФАНИ, од А до Ш

1.09.2021
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Скопје не е од вчера: СТАРИТЕ СКОПСКИ КАФАНИ, од А до Ш

Најомилена забава на скопјани била посетата на скопските кафеани. Бројот на јавните локали, кафеани, подруми и бифеа во Скопје во 1924 година изнесувал 300. Оваа бројка укажува на големата заинтересираност на граѓаните за посета на кафеаните. Типот на угостителските објекти бил многу разновиден – кафеани, подруми, пивници, барови, бифеа, крчми, меани и други.

По завршувањето на Првата светска војна, во градот биле отворени многу нови кафеани, а главно се рекламирале во скопските весници.

Кафеаната “Маргер” се наоѓала на плоштадот и била најпосетена кафеана во градот. Во попладневните часови кога затворале дуќаните, многу скопски семејства доаѓале во кафеаната на вечера. Во ноќните часови кафеаната “Маргер” се менувала во боемска кафеана, а посетители биле уметниците на градот. Кафеаната била место за уметнички и книжевни разговори.

Кафеана Маргир, Градски плоштад

Кафеаната “Метропол” била отворена во 1935 год. и станала најпосетена кафеана во Скопје. Нудела добра храна, пијалаци, добра услуга и музика. Во оваа кафеана гостувале многу странски уметници, меѓу кои “Трио Орлов” со репертоар на “Мјузикл Хала” и кабаре со раскошна гардероба и акробатски балетски точки. Сите точки биле во придружба на оркестарот на Паја Тодоровиќ – Сарајлија кој со своите севдалинки создавал пријатна атмосфера, а
“Метропол” примамлива кафеана.

Кафеаната “Метропол” била за луѓе со многу пари и каде што постоел лимит на трошење пари за една вечер. Газда на “Метропол” бил познатиот кафеанџија Васа Аврамовиќ.

Ресторанот “Зрински” имал најмодерна и најголема сала каде што се доаѓале отмени гости, а се нудела домашна и странска кујна со разновидни пијалаци. Бавчата “Зрински” се наоѓала покрај реката Вардар и во неа гостите се чувствувале пријатно на свеж и чист воздух.

Внатрешноста на “Зрински” била украсена со огледала од двете страни, со скапоцени завеси на високите прозорци и со добра вентилација на таваните. Масите и столовите биле во боја на махагони со што се дополнувал луксузниот изглед на кафеаната. Салата собирала околу 400 гости. Бавчата на ресторанот била многу долга, исполнета со дрвја и со цвеќиња.

Бавчата била оградена соѕид на кој имало зелено обоени летви, а била поплочена со ситни каменчиња. Бавчата се
осветлувала со петромакс ламби кои давале изглед на неонско светло. Во ресторанот свиреле салонски оркестри и биле прожектирани филмови. Во “Зрински” се приредувале забави, балови, пречеци на Нова година, ручеци и богати свадби. Ресторанот бил изграден во 1912 год., а изгорел во 1926 год.

Кафеаната “Аполо” се наоѓала во подрумот на киното “Аполо”. Била декорирана со вкус, имала свој стил и била собиралиште на скопската елита . Во неа се организирале и концерти на врвни уметници, со познати диригенти меѓу кои гостувал и познатиот Купферберг.

Кафеаната “Аполо” најдобро работела во 1925 година. Во оваа кафеана гостувале и руски уметнички трупи, а целата програма била интересна за скопската публика. Во кафеаната гостувале и балетски групи и хорови со играчи меѓу кои и Русинките Ваље Феодорова, Клео, Њиње, Марија Тан и други.

Забавата во градот траела до раните утрински часови. Ресторанот “Палас” се наоѓал до дрвеното мовче во Еврејското маало на левата страна на реката Вардар и бил најпосетуван во 20-тите години. Во овој ресторан се прожектирале и филмови.

Најчести реклами во скопските весници биле за кафеаните “Цекичев подрум”, Подрумот на Богдан Плавшиќ и др. Боемскиот живот во градот се одвивал во кафеаните “Париз”, “Цекичев подрум”, “Позоришна кафана”, “Брегалница” и други.

Кафеаната “Брегалница” била сопственост на Вука и Драго Пешиќ, а ја нарекувале и “Скопска Скадарлија”. Во неа се собирале литерати и уметници – значајни луѓе како Дамјан Николиќ, Вицко Заниновиќ, Петар С. Петровиќ, Светолик Ниќичевиќ, Миливој Живановиќ, Радован Зоговиќ, Љубомир Добричанин, Раде Драинац, а во кафеаната се пишувале статии, песни, прикази кои најчесто биле објавувани во списанието “Јужна Србија”.

Кафеаната “Париз” била ноќно седиште на скопските трговци, најголем број Евреи и тоа скопската еврејска елита. Во кафеаната имало музика за игра и звуци на џез-танго.

Во кафеаната “Москва” се собирала чиновничката класа.

Во кафеаните “Јанче Хан”и “Маврово”, се нудела забава од Истокот, гостувале чочекињи кои во Скопје доаѓале со руски или арапски трупи. Освен ваквиот начин на забава, скопјани своето слободно време го поминувале и во коцкање.
Ваквата страст за коцка ја задоволувале сите, без разлика на нивната финансиска можност.

Казиното “Тип-топ” било отворено во 1934 год. и претставувало ново монденско собиралиште на скопјани желни за забава. Казиното било сместено во Кранговата палата, каде што имало пространа сала со сепареа, ложи и сала за вариете. Во ова казино гостувале артистички трупи и салонски оркестри.

Поштенскиот дом претставувал собиралиште на Евреите. Домот приредувал разновидни атракции и гостувања. Едно од гостувањата било и она на квинтетот Пироников кој изведувал разни атракции. Во Поштенскиот дом се организирале и забави за посиромашната, средна класа, која најчесто се забавувала во клубот “Велика Србија”(кај “Југодрво”).

Средната класа се собирала и во кафеаната “Румба” во Ново маало, каде што се организирале забави, се свирело на прим, а секој четврток се одело на матинеа во Соколаната каде што се пиело клакер и газоза. Освен овој вид на забава, во неделите се одело на сеир во Крњево со игранка на отворено и врањанска плех музика.

Покрај секојдневната разновидна програма што ја нуделе скопските кафеани, биле организирани и пречеци на Нова година што претставувало новина за скопјани. Новата година скопјани ја пречекувале дома. На овие пречеци биле организирани богати програми, лотарии, игранки, шеговити пошти, ревија на убавици, кралици на вечерта (на пр. во Маргер).

Пречекот на новите години во Офицерскиот дом бил особено интересен и резервиран за членовите на
Домот. Офицерскиот дом претставувал некој вид на градска куќа, со огромна и светла сала во која биле организирани најубавите и најпосетените приредби, маскембали, забави, балови.

Ганка и Стефан Цветанови, бал во Офицерски дом

Гости во Офицерскиот дом биле луѓе кои во градот претставувале елита, кои биле претставници на граѓанската класа , луѓе кои биле носители на новото и напредното во градот.

Пивницата во Офицерскиот дом била богата со пијалаци, а кујната била разновидна. Посетителите можеле да
играат шах, билијард. Имало и читална со домашни и странски весници и списанија. Во Офицерскиот дом свирела воена музика, но имало и првокласна џез музика и модерни танци.

Во Офицерскиот дом забави, балови и маскембали организирале разни културни, уметнички и спортски здруженија. Посебна атракција бил маскембалот “Ноќ во Мароко” во 1930 година што го организирало Друштвото на пријателите на уметноста “Јефимија”.

За овој бал под маски салите ги декорирале уметниците Никола Мартиноски и Ѓура Теодоровиќ кој бил сценограф во
Народниот театар.

Во 1937 год. во Офицерскиот дом се одржал и избор на мис на Скопје. Жири-комисијата била составена од Брана Воиновиќ, управник на Народниот театар, Франц Месеснел, професор по класика и историја на уметност на Филозофскиот факултет и потпретседател на Друштвото на пријателите Јефимија, Аница Савиќ- Ребац книжевник и лектор на класични јазици на Филозофскиот факултет, Александра Здравковиќ претседател на Друштвото “Јефимија”, Петар Митропан, професор и уредник на книжевното списание”Јужен преглед”, Никола Мартиноски, сликар, Ачим Поповиќ, старешина на Соколската матица, Вукашин Ивановиќ, уредник на списанието “Скопски Гласник”, Ратко Пуриќ, новинар и др.

За зачленување во клубот на Офицерскиот дом, пријавите морале да бидат заведени од страна на одредени комори или признати здруженија. Сите членови при посетата на Домот морале да носат членска карта, а членовите можеле со себе да внесат свои гости на забави, матинеа и други приредби.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата